Легендарниот португалски напаѓач Кристијано Роналдо триумфално се врати во Манчестер Јунајтед – голгетерот од Мадеира постигна два гола во своето второ деби во дресот на „црвените ѓаволи“ и победата над Њукасл. Неговиот настап го коментираше уште еден познат фудбалер на Јунајтед – Гери Невил.
Јунајтед славеше со резултат 4: 1, а стрелци за тимот на Оле Гунар Солшер беа и Бруно Фернандеш и Џеси Лингард.
„Одев низ центарот на Манчестер пред натпреварот и мислам дека градот не изгледал толку живо во последните пет или десет години. Толкава е неговата важност за овој град и целата лига, а тоа беше уште пред да постигне два гола. Не бев на натпреварот, но можам само да замислам колку беше голема возбудата кога постигна голови“, рече легендарниот фудбалер на Јунајтед во својот подкаст.
„Лигата изгледа фантастично во првите неколку кола од новата сезона. Ние сакаме да зборуваме дека играта беше физички понапорна во осумдесеттите и деведесеттите години, дека имаше повеќе стартови, но оваа сезона гледаме навистина жесток фудбал. Многу е забавно да се гледаат натпреварите, а играчите заслужуваат голема почит за се што поминаа поради Ковид на празните стадиони. Враќањето на Роналдо е само шлаг на тортата“, рече некогашниот трофеен десен бек.
Следниот натпревар тимот од „Олд Трафорд“ ќе го одиграат во недела на гости кај Вест Хем.