Големата ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо пристигна на „Керингтон“ заедно со својот менаџер Жорже Мендеш за да имаат конкретен разговор за иднината на фудбалерот. Се очекува да присуствуваат и новиот тренер Ерик тен Хаг, главниот извршен директор Ричард Арнолд, спортскиот директор Џон Муртог и сите да одлучат како двете страни ќе работат од тука па натаму.
Исклучително интересно е и тоа што и Сер Алекс Фергусон утрово беше забележан како пристигнува во клупската база, но не е јасно дали шкотската легенда ќе присуствува на дискусијата. Легендарниот менаџер беше најзаслужен за враќањето на Португалецот на „Олд Трафорд“ минатото лето.
Кристијано Роналдо има договор со Манчестер Јунајтед на уште една година, но не сака да остане во тимот и претпочита да се пресели во тим кој ќе се претстави добро во Лигата на шампионите и ќе има шанса да остане на турнирот до неговата завршна фаза.
Од своја страна, „црвените ѓаволи“ сакаат тој да остане и Ерик тен Хаг во неколку наврати изјави дека едвај чека да работи со него, како и дека ја планира сезоната со играчот во тимот.
Од своја страна, Мендеш веќе го понудил Кристијано Роналдо на голем број од големите тимови во Европа, но добил „НЕ“ од Челси, Баерн (Минхен), Пари Сен Жермен, Реал Мадрид и Барселона.
Последните денови на дневен ред е Атлетико Мадрид за кој медиумите тврдат дека е заинтересиран за играчот, но прво „јорганџиите“ треба да се разделат со неколку играчи.