Роналдо и понатаму е гол и кеш-машина: „Хет-трик“ против Норич вреден речиси милион фунти

од Vladimir Zorba
159 прегледи

Кристијано Роналдо уште еднаш покажа дека е далеку од пензија. Иако има 37 години, тоа не му пречи да доминира и оваа сезона, а на саботниот меч против Норич ја покажа својата класа, постигна „хет-трик“ и за тој потфат заработи речиси милион фунти – 850.000 британски банкноти.

Според договорот, Португалецот добива екстра пари за исполнување на бонусот, а една од ставките се 20 гола во сезоната. Во Лигата на шампионите постигна 6 гола, додека со три гола против Норич стигна до 15 во Премиер лигата и со тоа го исполни условот кој му донесе 750.000 фунти. И тоа не е се. Затоа што по 20-тиот, за секој нареден гол, ќе добива по 100.000 фунти.

Покрај бонусот од 100.000 фунти за секој гол, Роналдо може да заработи уште 2.750.000 фунти доколку ја достигне границата од 30 гола.

На крајот Роналдо го чека дополнителен милион бидејќи сезоната сигурно ќе ја заврши како најдобар стрелец на тимот бидејќи има 21 постигнат гол во моментов, додека Бруно Фернандеш е на второто место со девет гола помалку.