Легендарниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо е подготвен да го продолжи договорот со саудискиот клуб Ал Наср, а шпанскиот весник „Марка“ ги откри условите од новиот договор. И покрај тоа што има 40 години, Роналдо нема намера да се повлече од професионалниот фудбал. Неговата главна цел е да постигне уште 69 голови и да стане првиот фудбалер во историјата со 1.000 голови во својата професионална кариера.
Остварувањето на оваа цел би било возможно доколку го продолжи договорот со Ал Наср – нешто што, според „Марка“, е веќе на повидок. Весникот открива дека преговорите започнале уште во јануари, а двете страни се многу блиску до постигнување договор.
Според информациите, новиот договор би траел две години и би вредел неверојатни 400 милиони евра, односно 200 милиони евра по сезона. Ова значи дека Роналдо би заработувал 6 евра во секунда, 380 евра во минута, 22.700 евра на час и дури 546.700 евра дневно, бројки невидени досега во светот на фудбалот.
И покрај огромната финансиска добивка, Роналдо повеќепати изјави дека парите не се главната причина за неговото доаѓање во Саудиска Арабија. Како што вели самиот, одлучил да се пресели во Ал Наср за да ја запознае поинаквата култура, но и поради гостопримливоста на саудискиот народ, која многу му се допаднала. Дополнително, тој истакнува дека неговата цел е и освојување трофеи и популаризација на фудбалот во Саудиска Арабија.