Португалците се навикнуваат на тоа дека Србија среде Лисабон (2:1) им го одзеде од раце билетот за СП и дека патот до Катар ќе мора да го бараат преку баражот.
За неуспехот во квалификациите прстот оди во насока на селекторот Фернандо Сантош, кого јавноста го обвинува што репрезентацијата игра далеку под објективните можности на репрезентација која има толку многу ѕвезди од најсилните лиги во светот во своите редови.
Сантош, пак, тврди дека Португалија одиграла само два многу лоши натпревари во последните три години.
„Имаме многу осцилации од 2018 година. Оттогаш игра нов тим, со различни карактеристики од претходниот. Имавме многу добри периоди, па во 2019 година ја освоивме Лигата на нации, ја победивме Италија… Имавме два слаби натпревари, овие два со Ирска во квалификациите и два очајни: против Германија на ЕП и сега против Србија. Првото полувреме против Србија беше многу лошо, само полоши бевме против Германија. Зошто? Став, концентрација, се … Планот едноставно не успеа. И тоа е моја одговорност“, изјави Сантош.
Слика на која Роналдо му вика на селекторот по поразот го обиколи светот, иако предводникот на португалскиот тим вели дека тоа била погрешно видена слика.
„Кога заврши натпреварот, разочарувањето беше брутално. Играчите паднаа на теренот, некои ги наведнаа главите… Излегов на теренот да ги поддржам играчите и кога минав покрај Кристијан го слушнав како му вели на еден српски играч: „Да не ми го украдеа третиот гол (на натпреварот во Белград – н.з.), сега не би се смееле“. Само отидов да ги поддржам другите играчи“.
Сантош призна и дека на неговиот тим не му лежат противници, кои играат со тројца во последната линија.
„Секогаш имавме проблеми кога противникот играше со тројца играчи во одбраната. Со Белгија и Швајцарија, на пример. Не се чувствуваме удобно на теренот во тие ситуации. Имам време, верувам дека ќе го решам и тој проблем. Ќе направиме одредени промени за играчите да бидат комотни на теренот, без разлика кој и каков противник е“, вети Сантош.