Поранешниот напаѓач на Интер, Роналдо му дава големи шанси на тимот да ја врати титулата во Серија „А“ во наредната сезона. Во срцето на неговиот оптимизам е враќањето на Ромелу Лукаку, кој доаѓа на позајмица од Челси.
Со Белгиецот во своите редови, тимот од „Џузепе Меаца“ триумфираше со Скудетото во сезоната 2020/21, но потоа, без него, загуби во битката со Милан.
„Интер можеше да заврши прв и во последната кампања. Дури би рекол дека во еден момент тимот веќе стана шампион“, објасни Феноменот за „Газета дело спорт“.
„И сега Лукаку се врати во составот, а тој може да ја направи разликата во Италија. Тие двајца со Лаутаро Мартинез се речиси совршен пар во нападот“, додаде Роналдо.
„Не можам да предвидам дали Интер навистина ќе го врати првото место, но е меѓу фаворитите. Минатата сезона тимот потфрли бидејќи го загуби дербито и генерално не се снајде најдобро во два месеци тежок период. Во вакви моменти, потребна ви е храброст да ги освоите тешките натпревари, а не да одиграте нерешено во нив. Во такви случаи, добро е да му верувате на фудбалер како Лукаку. Со него станува полесно“, изјави бразилската легенда.
„Нероазурите“ стартуваат во Серија „А“ на 13 август со гостувањето кај Лече.