Роналдо на пат за Манчестер, навестува дека ќе остане?

од Nikola Popovski
143 прегледи

Кристијано Роналдо е еден од најинтересните играчи на фудбалскиот пазар ова лето, а како да не биде кога е еден од најдобрите кои некогаш се занимавале со овој спорт, но неговите верни фанови се уште се нервираат што не знаат – каде тој ќе ја продолжи кариерата.

Одличниот португалски фудбалер кој последните недели се „криеше“ во својата татковина, каде работеше на сопственото тело во Лисабон, денеска се појави во Манчестер.

Дали тоа значи дека ќе продолжи да живее и работи во тој град како член на Јунајтед, никој не знае.

Сепак, на бегањето од обврските се чини му дојде крајот, па ќе следи негов разговор со новиот менаџер на славниот клуб од Олд Трафорд, Ерик Тен Хаг.

Менаџерот на Роналдо, Жорже Мендеш, сè уште сака да ги слушне желбите на неговиот познат клиент, да му најде нова работна средина. Јунајтед се уште инсистира дека Роналдо не е на продажба, па оттаму разврската на трансфер сагата се очекува во неделата што претстои.

Португалскиот ас ќе треба да одлучи дали ќе остане во „Театарот на соништата“ и преостанатата година од договорот или гигантот од Манчестер ќе попушти под притисокот на живата фудбалска легенда и ќе му дозволи да си најде нов клуб.