Росица Кулакова: Не можам да гледам како нашата трагедија и трагедиите на многу семејства се злоупотребуваат

од Даниел Ѓорѓиевски
262 прегледи

Во својот последен фејсбук статус, Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина, објави искрени и длабоки сомнежи за искористувањето на семејната трагедија од страна на иницијативата „Кој е следен“. Таа изразува болка и гнев поради манипулациите што ги доживува нејзиното семејство и многу други семејства со слични судбини.

„Долго време ми требаше да соберам сила и храброст да ја напишам оваа објава. Како човек што јавно и гласно ја поддржа иницијативата ‘Кој е следен’, чувствувам морална обврска да објаснам зошто изминатиот период бев тивка – длабоко во себе носам чувство на лична одговорност“, напиша Кулакова.

Таа ја опиша ситуацијата по убиството на нејзината сестра, наведувајќи дека на денот на погребот, додека семејството беше избезумено од болка, започнале првите протести.  Сепак, по првичниот шок, Кулакова забележала дека некои луѓе започнуваат да манипулираат со ситуацијата за свои интереси.  Во текот на протестите, Кулакова почувствувала дека настаните добиваат нова насока.  Кулакова нагласи дека, иако постојат чесни луѓе во иницијативата, критиките ги упати кон организаторите кои стојат зад протестите.

„На еден состанок, јасно ми беше ставено до знаење дека Фросина не е важна. Нашата болка не е важна. Важна е агендата, а жртвата е само инструмент“, пишува Кулакова.

Таа изрази разочараност и огорченост по повод протестите на 8 март, за кои рече дека биле „врв на непочитта“ кон трагедијата.

„Не можам да молчам. Не можам да гледам како нашата трагедија, а денес и трагедијата на уште многу семејства, се користи и злоупотребува“, заклучи Кулакова.

На крајот, таа постави провокативни прашања до иницијативата „Кој е следен“, запрашувајќи: „Кој е следен? Која мајка? Кој брат? Кој сестра? Која трагедија ќе биде следна на менито на вашите интереси?“

Слични содржини