Росоман има градоначалник кој не ја заслужува довербата на граѓаните, да ги оставиме во минатото рецидивите на седумгодишната власт на СДСМ која ја ограбуваше и понижуваше Македонија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан во општина Росоман.
-Владата на ВМРО-ДПМНЕ се разликува од останатите претходни влади и тоа по обезбедувањето на финансиски средства за проекти за сите општини подеднакво, независно од која политичка гарнитура доаѓаат градоначалниците. Ние потпишавме договори и обезбедивме финансирање на проекти во вкупна вредност од половина милијарда евра, нешто што досега не е запаметено во независна Македонија, тоа никогаш не го направила ниту една влада во четири години, што ВМРО-ДПМНЕ и оваа коалиција го направија за 16 месеци. Притоа бевме свесни и не се однесувавме како што се однесуваше претходната влада на СДСМ и ДУИ да бидеме негативни и да ги казнуваме граѓаните во општините во коишто градоначалникот е од опозицијата, рече Мицкоски.
Тој истакна дека Росоман има градоначалник кој не ја заслужува довербата на граѓаните и дека треба да се остават во минатото луѓето кои освен ограбување на сопствениот народ, понижување и национално распродавање на Македонија, ништо друго не покажале.
Мицкоски ги повика граѓаните на Росоман да излезат масовно на 2 ноември и да го дадат својот глас за бројот 9 и за Ѓорѓи.