Државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот денеска ќе има „виртуелна работна посета“ на Република Северна Македонија и средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Како што соопшти МНР, работната посета првично беше планирана да се оствари на вообичаен начин, а во контекст на очекувањата и изгледите за добивање одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори. Со оглед на глобалните состојби поврзани со пандемијата на COVID-19, предвидено e таа да се реализира на дигитален начин, односно со воспоставување видео-конференциска врска, што, како што се посочува, претставува уште еден знак на силната германска поддршка и пријателство.
Притоа, како што се посочува, во фокус на разговорот се очекува да бидат, покрај начините за справување со предизвиците наметнати од пандемијата, размена на информации за последниот статус на дискусиите и подготовката на заклучоците за процесот на проширување на ЕУ во пресрет на Советот на ЕУ за општи работи, засега предвиден за 24 март.