Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, денеска е во посета на Република Северна Македонија и заедно со вицепремиерот Никола Димитров одржаа прес-конференција во Владата на РСМ.
Рот вели дека Северна Македонија ги исполни сите критериуми за отпочнување на преговорите со Европската Унија и додаде дека земјава не смее да се откажува од патот кон ЕУ.
Исто така, тој истакна дека земјава ја има поддршката не само Германија, туку и останатите партнери во ЕУ.
– Се уште не ја искачивме планината, но знам дека заедно и солидарно можеме да го направиме тоа. Некои од вас можеби се прашуваат каде беше Европа во изминативе месеци. Би сакал да ве убедам дека ние сме на вашата страна. Се обраќам не само на македонската Влада, туку и на македонските граѓани кои можеби се уморни. Ние за време на германското претседателство со советот на ЕУ, се обидовме да направиме напредок, бидејќи вие го заслуживте тоа. Вашата земја постигна голем напредок. Се охрабривте да решите еден голем децениски спор и логично е да очекувате од ЕУ да ги исполни очекувањата. Ве уверувам дека не само Германија туку и партнерите од ЕУ, исто како и претходно се за конкретна перспектива за земјите од Западен Балкан. Останувам оптимист дека ќе успееме. Сега ни е потребно да се држиме заедно. За време на пандемијата пративме сигнал дека не го оставаме сам Западен Балкан. Благодарен сум на пријателите од Владата, но и во Бугарија дека сега имаме шанса уште во Јуни ќе дојдеме до решение, истакна Рот.
Рот додаде дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е интерес на Европската Унија.
– За време на германското претседателство водевме интензивни разговори со Северна Македонија и Бугарија. На сите им е јасно дека потребно е интегрирање во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Тоа не е само во ваш интерес, туку и наш. Регионалното помирување, мирот и стабилноста се од исклучително значење во регионот. Многу е важно вашата Влада да има доверба за да може да го премости овој проблем. Работиме да постигнеме успех на 22 јуни оваа година во советот на ЕУ, додаде Рот