
„Ѓуленисти“ и „ердоноганисти“ – ваквата поделба, која во Турција ескалираше по неуспешниот обид за пуч во јули, се прошири и во други земји, меѓу кои и Македонија, информира РСЕ.
Нашето финансирање е чисто – парите ги добиваме од претплата, продажба и реклами. Со овие зборови не пречекаа во неделникот Заман – едно од имињата што беше наведено од турската државна новинска агенција Анадолија дека се поврзува со движењето на свештеникот Фетула Ѓулен во Македонија. Македонското издание на Заман излегува од 1994 година, еднаш неделно на турски јазик и еднаш месечно на албански. Заменикот главен и одговорен уредник Ахмет Османи вели дека тие немаат финансиска, ниту уредувачка врска со Заман од Турција, кој згасна неодамна откако претходно беше преземан од Ердоган и дека името е единствената причина поради која се нашле на списокот.
„Ние додека работиме во согласност со Уставот и регулативите, верувам дека не треба да се плашиме. Ние не правиме криминал, пишуваме, а оружјето ни се пенкалото и компјутерот“, вели Османи.
На прашањето каква уредувачка политика има Заман Македонија, Османи вели „не можеме да премолчиме за недемократските чекори на Ердоган“, споменувајќи ги тука притисокот и апсењата на новинари и наставници. Вредни ни се мислењата на Ѓулен, но во весникот даваме место за сите различни мислења, додава тој.
„Гледајќи ги тие работи што се случуваат таму не можеме да останеме неми и треба да ги информираме луѓето што се случува таму. Ние само сакаме објективно да ги објавиме работите што се случуваат таму“, објаснува Османи.
И во Заман и во училиштето Јахја Кемал кое исто така беше споменато од агенцијата Анадолија како поврзано со Ѓулен, велат дека никој од македонските државни органи не ги контактирал за да им посочи дека и за нив може да бидат поведени постапки во Македонија.
„Немаме никаква конекција со движењето Фето, не се ни основачи, не се ни сопственици, никогаш немале донација. Ова е приватна македонска фирма која има седум сопственици и е автохтон македонски бренд“, вели Сурија Таук, директор за односи со јавноста во Јахја Кемал.
Тој се потсетува и дека новиот објект во Карпош бил, како што вели, плод на првото роуд шоу на поранешниот премиер Никола Груевски во Турција пред девет години. Јахја Кемал во земјава функционира дваесет години како средно училиште, а основното, вели Таук, следувало откако Груевски се сретнал со дел од сопствениците. Немавме во план и градинка, но ја отворивме по препораката на Министерството за труд и социјала, а на отворањето беше и министерот, додава Таук. Не само нивното училиште, туку и Заман во почетоците на својата работа беше посетуван од високи државници во Македонија, па во ходникот на нивната редакција се уште стои врамена фотографија на поранешниот претседател Борис Трајковски кој го чита нивниот весник.
Сега, велат од таму, имаат последици поради спомнувањето на нивното име во негативен контекст, па рекламите им се намалиле, а незначително и претплатата. Од Јахја Кемал, пак, велат дека имало само првична реакција.
„Паниката постоеше денот кога се објави веста, но со почетокот на училишната година, на први септември паниката се смири и сè се врати во својата нормала, децата едноставно почнаа да работат“, вели Таук.
Целиот текст можете да го прочитате тука