Историчарот, кустос-советник од прилепскиот „Завод и музеј“ Рубин Белчески од ИКОМ е избран за музејски работник на годината на Македонија.

Историчарот Белчески ја добива оваа престижна награда за својата работа и трудот, особено поради поставувањето на своевидната „патувачка“ изложба на документи и фотографии во 2017 насловена „Ченто – биографија низ фотографија“. Белчески е горд на наградата зашто, вели, доаѓа од фелата, од колегите.
– Македонскиот национален комитет на меѓународниот совет на музеите одлучи да ја добијам наградата Музејски работник на годината за вложениот труд во текот на 2017 година, пред се, за изложбата „Ченто – биографија низ фотографија“, но и поради моите бројни активности. Тоа го подразбирам дека историчарот да не биде само во музејот, туку и да биде соработник со разни институции. Учествувам во голем број проекти, со моите написи, трудови, а само оваа година се преку 20. Моето мото е дека историјата не ја учиме само за да знаеме за минатото, туку и да учиме за иднината. Јас сум вљубен во професијата. Секогаш има начин како да се дојде до непознати и малку познати историски податоци. Многу ми е мило што наградата доаѓа од еснафот и од колегите, вели Белчески.
На Белчески наградата му се доделува на Светскиот ден на музеите.