Рударите од Тораница повторно штрајкуваат, а спонтан прекин на работата од денеска има и во рудникот Злетово.
Во изјава за ТВ Телма, рударите велат дека оние од прва и втора смена веќе три дена се без храна и вода длабоко под земјата во окното на Тораница, а обезбедувањето ги спречува останатите да влезат во јамата и да ги заменат своите колеги.
Според нив, фирмата Бинами која е сопственик на рудникот веќе два месеци не им исплаќа плати, така што нивното единствено барањето е да им бидат исплатени платите и придонесите. Во меѓувреме, спонтан прекин на работата има и во рудникот Злетово. И тука единствената причина за прекин на работата е немањето плата.
„Ни ветија дека февруарската плата ќе биде исплатена во март но тоа не се случи и ние денес во осум часот почнавме со спонтан прекин на работата“, вели претседателот на Синдикатот, Тодос Гацовски.
Според него, засега нема најава дека рударите денес ќе добијат плата.
