Согласно Уставот, по поднесувањето на оставката, претседателската функција ја презема потпретседателката Илијана Јотова.
„Пред девет години ми ја дадовте довербата да работам за Бугарија како претседател. Тоа го направивте повторно во 2021 година. Заедно поминавме низ бројни кризи, нападите на олигархијата врз демократијата и големите протести во 2020 и 2025 година. Околностите ме принудија седум пати да именувам службени влади за да го бранам државниот и јавниот интерес. Денес, за последен пат ви се обраќам како претседател на нашата Бугарија“, изјави Радев.
Во своето обраќање, тој побара прошка од граѓаните и им се заблагодари за трпението и поддршката, признавајќи дека постојат работи кои не успеал да ги реализира, но нагласувајќи дека токму вербата дека тие цели сè уште можат да се постигнат е еден од мотивите за неговата одлука.
Радев упати благодарност до студентите, младите, граѓаните во земјата и дијаспората, како и до својот тим и семејството, посочувајќи дека поддршката што ја добивал низ годините му давала сила и мотив.
Најавено е дека утре оставката формално ќе биде депонирана, по што потпретседателката Илијана Јотова ќе ја преземе претседателската функција. Според член 97 од Уставот на Бугарија, мандатот на претседателот и потпретседателот престанува по утврдување на оставката од страна на Уставниот суд.
Во јавноста во последните недели сè почесто се шпекулираше за ваков потег на Радев, а интересно е што од обновувањето на претседателската институција досега ниту еден бугарски претседател не ја напуштил функцијата со оставка. Дополнителни шпекулации за негово активно влегување во партиската политика се појавија по изјавите и јавните пораки од лица блиски до претседателската институција, како и по неговата изјава од декември минатата година дека ќе излезе со политички проект „кога најмалку се очекува“.