Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер Јунајтед Вејн Руни, моментално тренер на ДЦ Јунајтед во МЛС лигата, го повика поранешниот клуб да го пушти Кристијано Роналдо да си замине од Олд Трафорд, доколку Португалецот сака такво нешто.
-Мислам дека Јунајтед треба да го пушти Роналдо да си замине од клубот. Не е дека не може да игра, може да игра во кој било тим и секогаш ќе постигнува голови. Мислам дека Јунајтед не е подготвен да се бори за титулата, затоа целта треба да биде да се изгради тим што ќе може да ја освои лигата во следните три до четири години и да најде нова „деветка“. На Тен Хаг мора да му се даде време да го направи тоа“, напиша Руни во колумна за „Тајмс“.
Руни постигна рекордни 253 гола за Јунајтед, а пет години го сочинуваше напаѓачкиот тандем со Роналдо.