320
Поранешниот англиски репрезентативец Вејн Руни денес објави дека ја завршува својата играчка кариера, откако стана менаџер на Дерби Каунти.
Руни беше привремен играч-менаџер на овој клуб од ноември, а денес потпиша договор на две и пол години.
Поранешниот напаѓач на Евертон и Манчестер Јунајтед пристигна во Дерби по една епизода во МЛС-лигата во тимот на ДЦ Јунајтед.
Руни (35) остави најголем белег во Манчестер Јунајтед, каде стана најдобар стрелец во историјата на клубот, постигна 253 гола на 559 натпревари и освои 16 трофеи, од кои пет титули во Премиер лигата и по една во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Тој е исто така најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Англија со 53 погодоци на 120 натпревари.