Пристигна нов извештај од британското Министерство за одбрана, во кој се наведува дека Русија ќе ги испрати своите најмодерни тенкови Т-14 Армата во Украина, но посочуваат дека командантите не се воодушевени од таквата одлука.
„Во последните месеци распоредените руски сили не сакаа да ја прифатат првата транша од Т-14 што им беше доделена бидејќи возилата беа во многу лоша состојба. Не е јасно кои делови од возилото ја предизвикаа оваа реакција, но во последните три години руските власти јавно ги опишаа проблемите со моторот на Т-14 и системите за термографска слика“, се наведува во извештајот.
„Во 2021 година, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го опиша планираното производство за 2022 година како „експериментално-индустриска“ серија. Затоа е малку веројатно дека некој распореден тенк Т-14 ќе ги исполни вообичаените стандарди што новата опрема мора да ги исполни за да се смета за оперативна“, се додава во извештајот.
Т-14 има целосно дигитални системи, купола без посада, додека самата тенковска екипа е заштитена во изолирана оклопна капсула. Опремен е со топ од 125 милиметри и противтенковски проектили, како и модуларни и активни системи за заштита кои го штитат. Под знак прашалник е и воениот потенцијал на Т-14, со оглед на улогата на модерното противтенковско оружје како што се ракетите ТOV од американско производство.
Тенкот имал проблеми со моторот и термичката камера, за кои производителите тврдат дека биле поправени во 2020 година. Еден од тенковите се расипа за време на парадата за Денот на победата во 2015. Сепак, според руските медиуми, тенкот бил тестиран во Сирија.
Блумберг во 2018 година објави дека Т-14 има исклучително висока цена, што го прави невозможен за масовно производство. Покрај високата цена на производството, високи се и трошоците за одржување.