Руси Поповска: Во Македонија се намалува поддршката за процесот на евроинтеграции

од Nikola Popovski
280 прегледи

Амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска денеска на форум во Софија предупреди дека се намалува поддршката за процесот на европска интеграција во нашата земја.

-Бевме една од најевроентузијастичките земји на Западен Балкан, со над 90 проценти поддршка за членство во ЕУ. Сега таа поддршка е намалена за околу 35 проценти, рекла амбасадорката Поповска на форумот „EU Meets the Balkans“ во Софија.

Руси Поповска истакнала дека проевропските ставови во земјава се едно од најсилните оружја против злонамерните интервенции на кои денес сме сведоци. Но, според неа, ставовите на македонското општество, но и во регионот се сменети и поддршката за евроинтеграциите се намалува. Според неа, тоа се должи на перцепцијата дека ветувањата не се исполнети.

-За да можеме да го реализираме статусот на земја кандидат за членство, во 2005 година моравме да го смениме Уставот на државата. Сега сме во позиција повторно да го отвориме Уставот за да ја затвориме оваа фаза од отворањето на преговорите. Оваа условеност, која се појавува во средината на процесот, е причина за разочарување, посочила Поповска во однос на измените во Уставот на Македонија, предвидени во преговарачката рамка.

-Најголемата загриженост од гледна точка на РСМ е долгото време поминато на земјата во „чекалната“ – од добивањето на статусот кандидат за членство во 2005 година до времето на првата меѓувладина конференција, со која почнаа преговорите минатата година, истакнала Поповска.

Амбасадорката изразила задоволство од новиот моментум во процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, кој, според неа, може да ги промени ставовите на општеството.

Слични содржини