Русија ги повика украинските борци да го предадат Азовстал

од Vladimir Zorba
278 прегледи

Русија ги повика украинските борци и странските платеници да ја напуштат металуршката фабрика Азовстал во опколениот град Мариупол до пладне по локално време.

„Го гарантираме животот на сите оние кои ќе го положат оружјето“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Претходно денеска проруските сепаратистички сили објавија дека се обидуваат да го окупираат Азовстал, пренесе РИА, повикувајќи се на портпаролот на сепаратистите Едуард Басурин.

Во понеделникот вечерта, американски воен официјален претставник рече дека Мариупол „се уште дава отпор“.

„Нашата проценка е дека борбите се уште траат за Мариупол. Градот се уште е под закана од воздушни напади, ракетни и бомбашки напади и артилерија“, изјави официјален претставник, кој побара да остане анонимен.

Украинските власти побараа од Русија да обезбеди хуманитарни коридори од Мариупол и тамошната фабрика Азовстал.

Азовстал е една од најголемите европски металуршки фабрики. Се протега на 11 квадратни километри и гледа на Азовското Море.

Окупацијата на Мариупол, главното пристаниште во регионот Донбас, би била стратешка награда за Русија, поврзувајќи ја територијата што ја држат проруските сепаратисти на исток со Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Слични содржини