Русија денеска соопшти дека односите со САД се толку конфронтирачки што руските граѓани треба да се воздржат од патување во САД, Канада и некои земји од ЕУ за време на претстојните празници, наведувајќи го ризикот американските власти да „ловат“ руски граѓани.
Марија Захарова, портпаролка на МНР, истакна дека односите со САД се на работ на пукање.
„Во контекст на зголемени конфронтации во руско-американските односи, кои се повеќе се разнишани поради Вашингтон и се на работ на пукање, патувањата во САД, без разлика дали од приватни причини или од потреба, носат со себе сериозен ризик“, рече Захарова и ги повика Русите за време на претстојните празници да се воздржат од патување во САД и нивните сателити, пред се во Канада, а со неколку исклучоци и во членките на ЕУ.
И руските и американските дипломати тврдат дека односите меѓу двете земји поради војната во Украина се полоши од кога било од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Влошувањето на односите кулминираше минатиот месец откако Украина почна да користи американски и британски ракети за да напаѓа руска територија, а Русија го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје.
И Москва и Вашингтон меѓусебно се обвинуваат за притворање на нивните граѓани на лажни и неосновани обвиненија.