Според достапните информации, изјавата на Лавров се однесува на предлогот за т.н. „енергетско примирје“, кој претходно портпаролот на Кремљ одби да го коментира.
Претходно, во медиумите и на социјалните мрежи се појавија непотврдени информации дека и руските и украинските сили наводно добиле усни инструкции за привремено запирање на нападите врз енергетската инфраструктура. Овие тврдења беа споделувани преку воени блогови и Телеграм-канали, без официјална потврда од Москва или Киев.
Според наводи на прорускиот блогер Владимир Романов, на руските сили наводно им било забрането да ги напаѓаат енергетските објекти низ Украина, вклучувајќи трафостаници, термо- и хидроцентрали, како и складишта за гас, нафта и гориво. Забраната, според тие тврдења, требало да важи до 3 февруари.
Истовремено, украинскиот канал Supernova+ објави дека слична усна насока наводно била пренесена и до украинските војници, со повик да не се напаѓа руската енергетска инфраструктура.
Овие информации беа поврзани и со трилатералните разговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби, на кои учествувале и Соединетите Американски Држави. Според Financial Times, на средбите се разговарало за можноста Русија да ги прекине нападите врз украинските енергетски објекти, во замена за воздржаност на Киев од удари врз руските нафтени постројки и танкери.
Сепак, дел од украинските извори предупредуваа дека конечен договор не бил постигнат и дека евентуалното примирје би било само краткотрајно.