Русија го транспортирала Асад „на најбезбеден начин“

од Nikola Popovski
38 прегледи

Русија го транспортираше соборениот сириски претседател Башар ал Асад надвор од Сирија на „најбезбеден начин“, изјавил заменик-министерот за надворешни работи на земјата, Сергеј Рјабков, во интервју емитувано во вторникот за „NBC News“.

Кремљ во понеделникот објави дека претседателот Владимир Путин одлучил да му даде азил на Асад во Русија. Неговиот пад е голем удар за Иран и Русија, кои интервенираа во 13-годишната граѓанска војна во Сирија за да се обидат да ја консолидираат неговата власт и покрај барањата на Западот тој да се повлече.

„Тој е безбеден и тоа покажува дека Русија се однесува како што треба во вонредна ситуација“, изјавил Рјабков за „NBC“.

Додал дека нема да елаборира „што се случило понатаму и како е решено“.

Сириските медиуми објавија дека на 7 декември Асад со семејството пристигнал во руската база Хмејмим, од каде требало да замине за Русија. Медиумите дури шпекулираа дека авионот во кој се наоѓал се урнал, бидејќи леталото над Хомс нагло се свртело и исчезнало од радарот.

На прашањето дали Русија ќе го предаде Асад на судење, Рјабков рече дека Русија не е потписничка на конвенцијата со која е основан Меѓународниот кривичен суд.

Москва ја поддржува Сирија уште од раните денови на Студената војна, признавајќи ја нејзината независност во 1944 година кога Дамаск се обиде да ја собори француската колонијална власт. Западот ја гледаше Сирија како советски сателит.

Рјабков истакнал дека Русија „дефинитивно ќе биде подготвена да размисли“ за уште една размена на затвореници, слична на онаа во август кога беше ослободен новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович.

„Нов договор би бил здрав чекор напред, особено на почетокот на следната администрација“, изјавил Рјабков за „NBC“, додавајќи дека не сака ништо да прејудицира.

Слични содржини