Руската државна корпорација за атомска енергија Росатом соопшти дека започнала изградба на нови реактори во унгарската нуклеарна електрана Пакш. Како што наведуваат од компанијата, бетонирањето на темелите на реакторската зграда означува премин на објектот во статус „нуклеарна електрана во изградба“, согласно стандардите на Меѓународна агенција за атомска енергија.
Унгарската агенција за атомска енергија ги издала потребните дозволи за почеток на главните градежни работи уште на почетокот на ноември. Унгарија планира проширување на нуклеарната електрана Пакш со изградба на два VVER реактори со моќност од по 1,2 гигавати. Уште во 2014 година, работата ѝ беше доверена на руската компанија „Nizhny Novgorod Engineering“, подружница на Росатом.
Во средината на септември, Судот на ЕУ ја поништи одлуката на Европска комисија од 2017 година со која беше одобрена унгарската државна поддршка за проширувањето на нуклеарката, оценувајќи дека биле занемарени правилата за јавни набавки и директната доделба на договорот за изградба на новите реактори.
Австрија уште во 2018 година ја тужеше Европската комисија пред Општиот суд на ЕУ, тврдејќи дека Комисијата требало подетално да ги провери сите аспекти на унгарската државна помош. Виена тогаш оцени дека нуклеарната енергија не претставува решение за климатските промени и не е во заеднички европски интерес.
Иако Општиот суд на ЕУ кон крајот на 2022 година ги отфрли австриските аргументи, Австрија поднесе жалба. Судот на ЕУ подоцна утврди дека Европската комисија требало да ги земе предвид и правилата за државна помош и прописите за јавни набавки.
Според судските документи, главниот дел од финансирањето на проектот треба да се обезбеди преку руски заем во износ до 10 милијарди евра, додека околу 2,5 милијарди евра се планирани од унгарскиот државен буџет.
Од Росатом соопштија дека проектот продолжува во соработка со унгарските партнери. Москва и Будимпешта го потпишаа договорот за долгорочен заем уште во 2014 година.