Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека ги суспендирала репрезентациите на Русија и Белорусија, како и руските и белоруските клубови кои се натпреваруваат во европските ракометни натпреварувања.
Со оглед на воената ситуација во Украина и препораките на Меѓународниот олимписки комитет, Извршниот комитет на Европската ракометна федерација вечерва одржа вонреден состанок.
13 членови ги донесоа следните одлуки:
-Репрезентациите на Русија и Белорусија, како и руските и белоруските клубови кои се натпреваруваат во европските ракометни натпреварувања веднаш се суспендирани. Ова важи до понатамошно известување и се однесува на сите тековни натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво.
Судиите и официјалните лица од Русија и Белорусија нема да бидат номинирани за идните натпревари до дополнително известување. Предавачи и членови на комисиите од Русија и Белорусија нема да бидат поканети на идните состаноци и активности.
Ќе се бараат нови организатори за YAC 16 EHF EURO ракомет на плажа и квалификациските турнири за Европското првенство во ракомет на плажа 2023. Двата настани требаше да се одржат во Москва во јули 2022 година.
Овие мерки мораше да бидат воведени со непосреден ефект бидејќи војната во Украина продолжува да беснее, поткопувајќи ги принципите на соработката на ЕХФ на европско ниво и духот на правдата, стои во соопштението.
Европската ракометна федерација изразува жалење за последиците по поединци, клубови и репрезентации и се надева дека враќањето на мирот ќе овозможи преиспитување.
Во наредните денови ќе се реструктуираат различни натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво според спортските принципи и постојните прописи.