Русија изврши напад врз инфраструктурата во украинскиот град Харков и во регионот Харков во текот на утрото, неколку часа откако високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ја повика ЕУ да ја забрза воената поддршка за Украина.
Серија експлозии се регистрирани во градот, откако руските сили го нападнаа Харков со ракетни системи С-300, пренесе Укринформ.
Мета биле неколку индустриски погони и фабрики, пишува РИА Новости.
Според началникот на воениот округ Харков, Олех Синехубов, руските сили извршиле најмалку десет напади врз виталната инфраструктура на градот Харков и регионот.
Во текот на утрото продолжи масовниот напад на Русија врз Украина, со проектили од стратешките бомбардери Ту-95МС и хиперсонични ракети Кинжал. Пред тоа, украинските градови беа нападнати со беспилотни летала, пренесува Укринформ.