Руското Министерство за правда ја стави меѓународната организација за слобода на медиумите „Репортери без граници“, со седиште во Франција, на списокот на непожелни организации, јавија британските медиуми.
Ваквата одлука значи дека секој руски граѓанин кој ќе соработува или ќе ја финансира организацијата може да се соочи со казна затвор до пет години. Москва редовно прогласува непожелни организации за кои тврди дека ја поткопуваат националната безбедност.
На листата досега се најдоа и Радио Слободна Европа/Радио Слобода, финансирано од владата на САД, меѓународната еколошка организација „Гринпис“ и Амнести Интернешнл.
„Репортери без граници“ е основана во Франција во 1985 година, со мисија да ги заштитува новинарите и да се бори против цензурата на глобално ниво. Организацијата сè уште нема дадено официјален коментар за одлуката на руските власти.