Русија одлучи да забрани 81 медиумска куќа од Европската унија да работат на нејзина територија, што е одговор на одлуката на Советот на ЕУ од вчера да ја забрани „целата радиодифузна активност“ на три руски медиуми – РИА Новости, Известија и Росијска газета, соопшти Министерството за надворешни работи во Москва.
Според соопштението, станува збор за медиуми „кои систематски шират лажни информации за напредокот на специјалната воена операција во Украина“, пренесува Тас с.
Меѓу забранетите медиуми се германски Шпигел, Цајт и Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, шпански Ел Паис, италијански Ла Стампа и Ла Република, француските медиуми Ле Монд и Либерасион, како и паневропските Политико и ЕУобсервер.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Русија постојано и на различни нивоа предупредувала дека „политички мотивираното малтретирање на домашните новинари и неоснованата забрана на руските медиуми во ЕУ нема да останат без одговор“.
– И покрај тоа, Брисел и главните градови на земјите-членки на ЕУ избраа да го следат патот на ескалација, принудувајќи ја Москва да преземе пропорционални контрамерки. Одговорноста за ваквиот развој е исклучиво на раководството на Европската унија и нејзините членки кои ја поддржаа таа одлука, нагласуваат од руското министерство.
Министерството за надворешни работи додало дека доколку се укинат ограничувањата за руските медиуми, Москва ќе ја преиспита својата одлука во однос на европските медиуми.