Руските пратеници во вторникот одобрија закон со кој ќе се зголеми горната граница за задолжителна воена служба од 27 на 30 години, бидејќи агресијата против Украина влегува во својот осумнаесетти месец.
„Од 1 јануари 2024 година граѓаните на возраст од 18 до 30 години ќе бидат повикани на воена служба“, се вели во законот, кој Думата, Долниот дом на рускиот парламент, го прифати во второто и третото читање, што е најважната фаза во донесувањето на законите во земјата.
Оваа мерка ќе овозможи значително зголемување на бројот на руски активни војници, без нова мобилизација на потенцијални резервисти, бидејќи Москва мобилизираше речиси 300.000 од нив во септември 2022 година за офанзивата во Украина.
Законот исто така им забранува на регрутите да ја напуштат Русија од денот кога ќе бидат повикани на воена служба.
За да стапи во сила, законот мора да биде одобрен од Советот на федерацијата, Горниот дом на парламентот и да го потпише претседателот Владимир Путин, што е само формалност.
Со вториот закон, кој пратениците го прифатија во вторник, се зголемуваат казните за прекршителите, па за неодговарање на покана „без оправдана причина“ може да добиете казна и до 300 евра.
Рускиот парламент уште во април усвои закон кој дозволува поканите за регрутирање да се доставуваат преку Интернет наместо лично.
Со месеци Кремљ негираше дека сака да започне нов бран на мобилизација за офанзива во Украина. Претходниот поттикна заминување на десетици илјади Руси од земјата.