Русија лансира „зомби-ракети“ кон Украина

Сирените за воздушна опасност во Киев во вторникот навечер најавија масовен руски воздушен напад врз Украина.

од desk4
37 прегледи

Според украински извори, кон земјата биле истрелани еден хиперсоничен проектил „Циркон“, 18 балистички ракети, 15 крстосувачки ракети и дури 339 дронови. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека одбраната од овој напад ја чинела Украина околу 80 милиони евра.

Посебно внимание привлече еден проектил што успеал да ја пробие противвоздушната одбрана. Според достапните информации, Русија за првпат употребила ракети RM-48U, поранешни надзвучни цели за воени вежби, кои биле пренаменети во офанзивно оружје. Овие ракети, првично користени како цели за системите С-300 и С-400, се изработени од стари проектили со истечен рок на употреба, како 5V55 или 48N6.

Украинските власти предупредуваат дека станува збор за нова руска тактика на исцрпување, со која Киев се принудува да користи скапа одбранбена технологија за соборување релативно евтини и импровизирани проектили. Приспособувањето на RM-48U е финансиски малку барачко, но значително го зголемува обемот на нападите и ја преоптоварува украинската противвоздушна одбрана.

Според експерти, иако овие ракети веројатно немаат висока прецизност, тие можат да носат боеви глави тешки од 133 до 180 килограми и да предизвикаат значителна штета при удар. Руски воен аналитичар за независниот медиум „Новаја газета Европа“ изјави дека Москва „ги користи сите стари резерви од складиштата“, со минимални трошоци, за да создаде дополнителен притисок врз Украина.

Професорот по воена стратегија и технологија Мауро Џили од Hertie School во Берлин истакна дека Русија веќе подолго време користи ракети „земја-воздух“ како офанзивно оружје. „Ако се истрелаат по параболична траекторија, тие при ударот можат да нанесат штета. Целта е да се зголеми масата на нападот, така што украинската одбрана да не може да ги пресретне сите цели“, оцени Џили.

Зеленски го опиша зголемениот интензитет на нападите како „исклучително скап руски луксуз“ и повторно апелираше до сојузниците за дополнителни системи за противвоздушна одбрана. Тој побара напредни пресретнувачки ракети PAC-3, кои се користат во американските системи „Патриот“ и чинат околу 3,7 милиони долари по парче.

Претседателот предупреди и дека притисокот врз украинската одбрана расте, откривајќи дека неколку системи веќе останале целосно без ракети. „Русија и нејзините сојузници и понатаму набавуваат компоненти, а нивната способност за производство мора да се намали но тоа сè уште не се случува“, порача Зеленски.

Слични содржини