Официјална Москва денеска соопшти дека нема да има средба меѓу министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Eнтони Блинкен на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија.
Лавров претходно изјави дека ќе им се придружи на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која ги вклучува Канада и САД, во Скопје доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за него. Тој рече дека некои западни земји побарале средби со него.
Откако рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина во февруари 2022 година, Западот се обиде да ја изолира Русија, а тет-а-тет средбите со високи министри се ретки.
Како што јавија некои руски и светски агенции, во одговор на прашање на форум за надворешна политика на Примаков Ридингс, заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков рекол дека Вашингтон не побарал состанок „и нема да побара. И нема да има средба“.
Состанокот на ОБСЕ, која има 57 членки, чија цел е да се спречат конфликти и безбедносни кризи, ќе се одржи од 30 ноември до 1 декември.
– Изгледа дека Бугарија и ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор – ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме, рече Лавров.
– Веќе има неколку барања за средби – вклучително и од западни претставници, рече Лавров, без да именува ниту една земја.
– Се разбира, ќе се сретнеме со сите. Ако некој ни пријде, никогаш не бегаме и не се криеме, рече шефот на руската дипломатија.
Бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони како дел од санкциите на Европската унија воведени како одговор на руската инвазија во Украина.