Русија одговори: Десет американски дипломати прогласени за „персона нон грата“

од Stefanija Kuzmanovska
347 прегледи

На заменик-амбасадорот на САД во Русија му беше врачена нота во која беше објавено дека 10 вработени во американската амбасада ќе бидат прогласени за „персона нон грата“.

„На 21 април, Горман, заменик-шефот на американската дипломатска мисија во Руската Федерација, беше повикан во руското Министерство за надворешни работи. Му беше врачена нота со која десет вработени во американската амбасада во Москва беа прогласени за персона нон грата. На наведените лица им беше наредено да ја напуштат нашата земја до крајот на 21 мај“, се вели во соопштението.

Руското министерство потенцираше дека оваа мерка претставува реципрочен одговор на „непријателските активности на американската страна кон голем број вработени во руската амбасада во Вашингтон и генералниот конзулат на Русија во Њујорк, кои неосновано беа прогласени за персона нон грата“.

„Наскоро ќе следат понатамошни чекори во рамките на пакетот реципрочни мерки најавени во изјавата на Министерството за надворешни работи од 16 април за последниот ‘бран’ на незаконски антируски санкции на Соединетите држави“, се вели во соопштението на Министерството.

Во последно време, односите меѓу Русија и Западот продолжуваат сериозно да се влошуваат.

Лавров претходно изјави дека Москва нема односи со Европската унија како организација, бидејќи тие биле уништени од Брисел.