Москва е подготвена за најлоши сценарија за развој на односите со Соединетите држави, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја веста за можно протерување на руски дипломати од Вашингтон.
„Непријателството и непредвидливоста на акциите на американската страна како целина не обврзуваат да бидеме подготвени за најлошите сценарија. Значи, кога имате прилично агресивен, непредвидлив соговорник, секогаш сте подготвени на сè”, изјави портпаролот на Кремљ за новинарите.
Тој исто така посочи дека односите меѓу Русија и Соединетите држави се несомнено сè уште непредвидливи, „што е лошо“.
Песков посочи дека Америка вештачки ја попречува соработката со Русија во сферата на економијата и науката.
„Тоа е многу важна компонента на целиот систем на меѓусебни односи. Често жалиме што, на пример, нашите американски колеги вештачки ја попречуваат оваа насока – тие упорно ги советуваат бизнисмените да се откажат од учество на форумите што се одржуваат тука, на научниците постојано им се препорачува да ја сопрат соработката со колегите од Русија. Тоа е лошо“, рече Песков.
Сепак, како што рече, и покрај сите остри изјави кои доаѓаат од САД, Русија никогаш не била приврзаник на ставање во ќорсокак на односите и никогаш не претставувала закана.
„Во развојот на нашите билатерални односи, ние сме подготвени да одиме колку што се подготвени нашите партнери. Во тој поглед, нашата позиција е очигледна. Ние никогаш не сме биле поддржувачи на доведување на односите во безнадежна состојба. Никогаш не сме претставувале закана, но секако, никогаш нема да дозволиме некој, вклучително и Соединетите држави, да ни се закануваат, да ни диктираат нешто и да ги загрозуваат нашите интереси“, прецизира Песков.
На прашањето на новинарите дали Кремљ се согласува со оценката на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој претходно рече дека Вашингтон води „глупава“ политика кон Русија, Песков рече дека Лавров е прецизен во формулациите и нема што да додаде.
Претходно агенцијата „Блумберг“ објави дека САД го проучуваат прашањето за воведување нови санкции кон Москва и протерување на дипломати. Според соговорниците на агенцијата, претставниците на администрацијата на Џо Бајден го завршиле прегледот на хакерските напади преку „Солар виндс“ и мешањето во изборите во земјата.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Соединетите држави и нивните сојузници се несигурни партнери и дека Москва не може да зависи од нивното расположение.