Русија приведе неколку сојузници на опозиционерот Навални

од Stefanija Kuzmanovska

Неколку сојузници и приврзаници на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беа приведени рано утрово во Москва, по масовните протести минатиот викенд ширум земјата со барање за негово ослободување од затвор.

Главниот сојузник на Навални, Љубов Собол, д-р Анастасија Васиљева од Сојузот на здруженија на лекари поддржани од Навални, Марија Аљохина од групата „Пуси Рајот“, како и братот на Навални Олег беа уапсени и задржани 48 часа.

Според извештаите, четворица од нив се осомничени во кривичната истрага за наводни прекршувања на прописите за коронавирусот за време на големиот протестен митинг во Москва. Апсењата беа извршени четири дена пред новите протести за затворањето на Навални, свикани за во недела.

На апсењето на неговите приврзаници претходеа повеќе од десет претреси во становите и канцелариите на членови на семејството, соработници и приврзаници на Навални, поврзани со истрагата. Меѓу локациите што беа пребарани беа и станот на Навални каде полицијата го приведе неговиот брат и изнајмениот стан каде живее сопругата на Навални, Јулија.

Исто така денес, Рускиот истражен комитет објави дека е отворена кривична истрага против главниот стратег на Навални, Леонид Волков, кој е обвинет за охрабрување на малолетници да учествуваат во нелегалните собири.

Демонстрации со кои се бараше ослободување на Навални се одржаа во саботата во повеќе од 100 градови низ Русија. На протестите, наводно, биле уапсени скоро 4.000 луѓе.

Четириесет и четиригодишниот Навални, најпознатиот критичар на владата на претседателот Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари по враќањето од Германија, каде мина пет месеци закрепнувајќи од труење со нервен агенс, за што го обвинува Кремљ. Руските власти ги негираа обвинувањата.

Слични содржини