Русија втора ноќ по ред изврши неколку бранови напади со беспилотни летала врз Киев, соопшти градската воена управа, а јави Би-би-си
Украинскиот командант Серхи Попко изјави дека системи за противвоздушна одбрана погодиле околу 10 беспилотни летала во Киев и неговите предградија.
Тој додаде дека нема извештаи за „критична штета“ и жртви.
Руските власти тврдат дека украинскиот дрон кој се движел кон Москва бил соборен во саботата. Министерството за одбрана соопшти дека беспилотното летало било пресретнато над областа Богород на североисточниот раб на главниот град.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека нема штета или жртви.
Воздушните напади во неделата врз украински цели следеа по бранот напади претходната ноќ, при што Киев соопшти дека соборил 29 од 38-те ирански дронови Шахид лансирани од Русија.
Би-би-си не можеше самостојно да потврди колку беспилотни летала се лансирани и уништени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали неговите воздушни сили за соборувањето на најголемиот број беспилотни летала лансирани од Русија во изминатите шест недели.
Тој додаде дека Русија би можела да складира ракети за зимски напад врз енергетската инфраструктура на Украина.
Нападите со беспилотни летала во петокот вечерта предизвикаа прекин на електричната енергија во повеќе од 400 градови и села низ Украина и оштетија складиште за нафта во Одеса на југот, оставајќи повеќе од 1.500 жители без струја.
Украина тврди дека речиси 21.000 луѓе во областа Доњецк се без струја, а 63 населени места се отсечени во областа Запорожје.