Руската безбедносна служба ФСБ во петокот објави дека ги отповикала ингеренциите на шестмина британски дипломати во Москва за кои тврди дека биле дел од шпионски и диверзантски операции.
ФСБ, главниот наследник на озлогласениот советски КГБ, тврди дека поседува документи кои покажуваат дека канцеларијата на британското Министерство за надворешни работи во Лондон задолжена за Источна Европа и Централна Азија ја координирала „ескалацијата на политичката и воената ситуација“ и имала задача да обезбеди стратешки пораз на Русија во војната против Украина.
„Затоа, откриените факти даваат основа за разгледување на активностите на британските дипломати испратени од Дирекцијата во Москва како закана за безбедноста на Русија“, соопшти ФСБ.
„Во таа насока, врз основа на документ обезбеден од ФСБ, а како одговор на бројните непријателски чекори преземени од Лондон, Министерството за надворешни работи на Русија, во соработка со поврзаните агенции, ја укина акредитацијата на шестмина членови на политичкиот оддел на британската амбасада во Москва, чии активности беа препознаени како шпионажа и саботажа“, се додава во соопштението.
На руската телевизија беа именувани дипломати и беа прикажани нивните фотографии.
„Англичаните не ги препознаа нашите предупредувања дека мора да престанат со оваа практика, па решивме да избркаме шест од нив за почеток“, изјави вработен во ФСБ за телевизијата „Россија-24“.
ФСБ најави дека ќе побара повеќе британски дипломати да си одат дома доколку се утврди дека биле вклучени во слични активности.