Руската влада го започна процесот на еднострано повлекување од неколку меѓународни организации, вклучително и Светската трговска организација (СТО) и Светската здравствена организација (СЗО), изјави денеска заменик-претседателот на Државната дума, Пјотр Толстој.
-Ќе ги преиспитаме нашите меѓународни обврски и договори од кои сега немаме никаква корист, туку само директна штета. Министерството за надворешни работи испрати список на тие договори до Думата, а ние ќе го анализираме и ќе предложиме да се повлечеме од нив, рекол Толстој, пренесува Политико.
Тој не наведе за кои договори станува збор, но рече дека следниот чекор е напуштање на СТО и СЗО, „кои ги занемарија сите обврски кон Русија“.
На 10 мај, европските членки на СЗО поддржаа резолуција со која се повикуваат Обединетите нации да одлучат да го преместат европското седиште на Канцеларијата за незаразни болести од Москва и привремено да ги прекинат сите регионални состаноци што ќе се одржат во Русија.
Рускиот помошник министер за здравство Андреј Плутницки тогаш изјави дека усвојувањето на ваквата резолуција е грубо кршење на Статутот на СЗО.
Предлогот за повлекување од СТО во Думата беше даден уште во март, откако група западни земји одлучија да ги укинат трговските привилегии на Русија поради инвазијата на Украина.