Рускиот буџет за 2026 година вклучува 12,9 трилиони рубљи (160,7 милијарди долари) за одбрана и уште 3,9 трилиони рубљи за рубриката „национална безбедност“, што ги вклучува трошоците за Министерството за внатрешни работи, Националната гарда, специјалните служби и други институции кои исто така учествуваат во таканаречената „специјална воена операција“, пишува опозициското издание „Москва тајмс“. За првите десет месеци од оваа година, воените трошоци надминале 11 трилиони рубљи.
Според публикацијата, голем дел од трошоците за одбрана и безбедност се класифицирани – и во тековниот и во буџетот за 2026 година, но во контекст на речиси четиригодишната војна, може да се претпостави дека тие главно се насочени кон обезбедување воени операции. Со други зборови, разложувајќи ги овие официјално објавени трошоци од Министерството за финансии, Москва следната година ќе издвои 209 милијарди долари, или 38% од сите трошоци, за активности во голема мера поврзани со војната во Украина. Тоа се трошоците под рубриката „Одбрана“ и под рубриката „Безбедност“, од кои дел оди кај учесниците во војната.
Директните трошоци под насловот „Одбрана“ се 160,7 милијарди долари, или нешто повеќе од 3 милијарди долари неделно. На час, тоа е речиси 18 милиони долари.
Во исто време, трошоците за социјални активности се намалени на 25% од вкупниот износ, а за субвенции за економијата – на речиси 11%. Ова е најниското ниво во последните 20 години за кои се достапни податоци во статистиката на Министерството за финансии.