Русија, Турција, Украина и ОН подготвија план за извоз на храна од украинските пристаништа

од Nikola Popovski
234 прегледи

Русија, Турција, Украина и ОН подготвија патна карта што ќе обезбеди функционирање на безбеден коридор за извоз на земјоделски производи од украинските пристаништа преку Истанбул, јави денеска агенцијата Anadolu, повикувајќи се на дипломатски извори.

Турција веќе подолго време води дипломатски разговори со цел да се формира механизам за безбедна испорака на жито од Украина на светските пазари.

Како резултат на преговорите, турската страна со претставниците на Русија, Украина и ОН подготви патна карта за обезбедување на „житниот коридор“ под покровителство на светската организација.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја започна иницијативата „житен коридор“ во телефонски разговор на 30 мај со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа и со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Во блиска иднина во Истанбул ќе се одржи состанок на Русија, Турција, Украина и ОН на кој ќе се разговара за извозот на жита од украинските пристаништа.

Во четирипартитниот формат се планира да се разгледаат прашањата за рути, осигурување, обезбедување на бродови, пристаништа за деминирање, како и состав на координативниот центар.

Центарот за извоз на жито што се создава во Истанбул ќе ја регулира интеракцијата меѓу Русија и Украина со посредство на Турција во координација со ОН, јавува „Anadolu“.

Стартувањето на координативниот центар во Истанбул ќе овозможи извоз на 20 милиони тони жито од украинските пристаништа на светските пазари.

Состојбата во Украина и големите санкции наметнати на Русија од страна на САД и ЕУ доведоа до прекини во снабдувањето со жито, што го зголемува ризикот од криза со храна во неколку земји во светот.

Од почетокот на годинава значително се зголемија цените на пченицата и пченката. Залихите на пченица, беше истакнато на седницата на Советот за безбедност на ОН на 21 мај, ќе траат десет недели во светот, а состојбата е полоша отколку во кризата од 2007-2008 година.