Руските региони Курск и Белгород беа под прекуграничен напад на украинските сили рано утринава, соопштија регионалните гувернери, додавајќи дека нема извештаи за жртви.
„Градот Валујки е под оган од украинските вооружени сили“, напиша гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков на апликацијата за пораки Телеграм во 7:36 часот по локално време.
Тој не прецизираше дали станува збор за ракетен оган, артилериско гранатирање или некој друг облик на напад.
„Системот за противвоздушна одбрана функционираше, но има уништување на теренот“, рече Гладков.
„Оштетени училишта и куќи“
Исто така, Роман Старовојт, гувернер на областа Курск, северно од Белгород, кој исто така граничи со Украина, рече дека училишта и приватни куќи биле оштетени кога избувнал пожар во селото Тјоткин, повторно без да ја прецизира природата на нападот.
Украина речиси никогаш јавно не ја презема одговорноста за нападите во Русија или на територијата во Украина контролирана од Русија. Двете страни негираат дека целеле цивили во 16-месечната војна што Русија ја започна против Украина во февруари 2022 година.
Експлозии и напади на руските региони кои граничат со Украина се случуваат речиси секојдневно во последните месеци, а руските власти ги обвинуваат украинските сили или проукраинските диверзанти.