Русија за првпат лансираше хиперсонична ракета?

од Stefanija Kuzmanovska
805 прегледи

Украина тврди дека има докази дека Русија истрелала напредна хиперсонична ракета – за која експертите велат дека е речиси невозможно да се собори – за првпат во војната која трае речиси две години.

Киевскиот владин научно-истражувачки институт за форензички експертизи во објава на Телеграм објави дека остатоци пронајдени по нападот на украинскиот главен град на 7 февруари укажуваат на употребата на хиперсонична крстосувачка ракета „Циркон“ од страна на руската војска, пренесува Си-Ен-Ен.

„Ознаки на делови и фрагменти, идентификација на компоненти и делови, како и карактеристики на соодветниот тип на оружје“ укажуваат на првата употреба на „Циркон“ во борба, соопшти институтот, кој е дел од министерството за правда на Украина.

Објавата на Телеграм беше придружена со видео на кое се гледаат остатоци за кои се верува дека се од новата ракета.

Украинските власти соопштија дека четири лица загинале, а 38 се повредени во Киев за време на нападот на 7 февруари.

Експертите велат дека „Циркон“, ако е вистина она што руската влада го кажува за него, е застрашувачко оружје.

Нејзината хиперсонична брзина ја прави неранлива дури и за најдобрата западна ракетна одбрана, како што е Патриот.

Слични содржини