Русинка осудена на 21 година затвор, се обидела да отруе жена и да го украде нејзиниот идентитет

од Stefanija Kuzmanovska
132 прегледи

Русинката Викторија Насирова (47), која живее во Њујорк, е осудена на 21 година затвор поради обид да ја убие својата козметичарка со цел да ѝ го украде идентитетот.

Според Би-Би-Си, Насирова се обидела да ја убие Украинката Олга Звик на 28 август 2016 година давајќи ѝ парче чизкејк отруен со моќниот седатив феназепам, пред да ѝ го украде пасошот и работната дозвола за САД.

Козметичарката го преживеала обидот за труење, а кога се вратила од болница открила дека ѝ се украдени документите.

Насирова и Звик изгледале слично во моментот на обидот за убиство бидејќи и двете имале темна коса и сличен тен и двете зборувале руски.

На денот на обидот за убиство, обвинетата отишла кај Звик со чизкејк. Таа самата изела две парчиња, а третото, отровно парче ѝ го понудила на тогаш 35-годишната жртва, пишува Би-Би-Си.

Звик изела парче торта, по што почнала да повраќа.

„Пред да се онесвести, последно сеќавање на жената било дека ја видела обвинетата како шета низ нејзината соба“, рече обвинителката Мелинда Кац за време на судењето.

Звик била пронајдена без свест од нејзината пријателка следниот ден. Носела само долна облека, а околу неа биле расфрлани апчиња за да се остави впечаток дека се обидела да се самоубие.

Кога закрепнала и се вратила дома, забележала дека ѝ недостасуваат украинскиот пасош и американска работна дозвола, накит и околу 4.000 долари во кеш.

Насирова веќе имала проблеми со законот. Во 2015 година Интерпол ѝ издаде црвена потерница за убиство на жена во Русија една година претходно, од која ја украла животната заштеда.

Насирова е обвинета и за дрогирање и ограбување на мажи кои ги запознала на страниците за запознавање, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини