Претседателот на кошаркарскиот клуб ЦСКА, Андреј Ватутин изјавил дека учеството на руските екипи во Евролигата моментално е во доменот на „научна фантастика“.
Клубовите од Русија, вклучувајќи ги ЦСКА, Зенит и Уникс, беа исфрлени од елитното кошаркарско натпреварување поради војната во Украина во сезоната 2021/2022.
Годинава се зборуваше за нивно враќање, но се чини дека, според претседателот на ЦСКА тоа е се уште далеку.
„Во моментов учеството на руските тимови во Евролигата е во доменот на научната фантастика. Тоа е чиста фантазија. Дури по завршувањето на војната може да се добијат услови за дискусија на оваа тема. Сите мои колеги во Евролигата се тажни бидејќи руските клубови не играат во Евролигата. Ќе продолжиме да одржуваме контакт со Евролигата како акционери на таа организација. Во постојана комуникација сме, многу ни е важно да се вратиме штом се создадат услови“, изјавил Ватутин за „ТВ Меч“.
На крајот, тој проговорил и за потенцијалниот влез на тимот од Дубаи во Евролигата.
„Верувам дека оваа можност може да го подигне нивото на Евролигата. Дубаи не е само богат регион туку и голем пазар на Блискиот Исток и Азија. Постои потенцијал за привлекување нова публика и пазари. За ова детално ќе разговараме на собранието на акционери кон средината на март“, заклучил Ватутин.