Русите објавија ВИДЕО од испрашувањето на Дарја Трепова: „Кој ти го даде пакетот?“

од Stefanija Kuzmanovska
192 прегледи

Руското министерство за внатрешни работи објави видео на кое Дарја Трепова, осомничена за убиство на воениот блогер близок до Кремљ Владлен Татарски, признава дека ја донела фигурата со експлозив во кафулето.

Блогерот, чие вистинско име е Максим Фомин, беше убиен во експлозија на бомба во кафуле во Санкт Петербург, каде што зборуваше на состанокот на организацијата која ја поддржува руската офанзива против Украина „Cyber Z Front“.

Кафулето е во сопственост на водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Повеќе од 30 луѓе беа ранети, од кои неколкумина многу тешко.

Камерите ја снимиле Трепова како го носи пакетот со фигурата и му го предава на еден од водителите, кој потоа го предал на Татарски.

Во интервјуто објавено од руското министерство, Трепова вели дека разбира зошто е приведена. На прашањето зошто, таа одговори: „Мислам дека тоа е затоа што случајно се најдов на местото каде што беше убиен Владлен Татарски“.

„А што направи ти?“, ја прашуваат понатаму.

„Ја донесов фигурата која експлодираше“, одговара осомничената.

На прашањето кој ѝ го дал пакетот, таа одговорила: „Може ли да објаснам подоцна?“.

Кремљ го оквалификува убиството на блогерот како терористички чин и тврди дека има докази дека Украина е поврзана со тоа, заедно со поддржувачите на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор.

Трепова беше на списокот на поддржувачи на Навални, а минатата година веќе беше уапсена на антивоен собир.

Слични содржини