Русија е подготвена да разговара за привремен прекин на огнот во Украина, но само доколку има напредок кон конечниот мировен договор.
Во првиот сигнал за позитивен одговор од претседателот Владимир Путин на повикот на неговиот американски колега Доналд Трамп за прекин на огнот, понудата беше пренесена минатиот месец на разговорите во Саудиска Арабија меѓу високи руски и американски претставници.
За да се постигне прекин на непријателствата, мора да има јасно разбирање на основните принципи на конечниот мировен договор, рекоа две лица запознаени со ова прашање. Русија, меѓу другото, ќе инсистира на дефинирање на параметрите на евентуалната мировна мисија, вклучително и договор за тоа кои земји би учествувале.
Деталите излегоа на виделина додека САД и Украина се подготвуваат да се сретнат во Саудиска Арабија следната недела, што е нивниот прв директен дијалог по тензичната конфронтација меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа минатата недела, пишува Блумберг. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф рече дека целта на состанокот е да се постигне „рамка за мировен договор и првичен прекин на огнот“.
Говорејќи од Овалната соба во петокот, Трамп рече дека се залага за договор за прекин на борбите и изрази уверување дека и Путин го сака тоа. „Мислам дека тој ќе биде подарежлив отколку што треба да биде“, им рече Трамп на новинарите.
„Мислам дека ни оди многу добро со Русија“, додаде тој. „Но, токму сега тие безмилосно ја бомбардираат Украина“.
Трамп исто така рече: „Искрено, ми е потешко да преговарам со Украина отколку со Русија“.
Неговите коментари уследија по објавата на социјалните мрежи во петокот наутро во која тој се закани дека ќе воведе нови санкции и царини за Русија за да го убеди Кремљ да потпише мировен договор.
Зеленски, во своето секојдневно видео обраќање, рече: „Денес се одвива најинтензивната работа со тимот на претседателот Трамп досега, и тоа на многу нивоа“.
„Темите се јасни: мир што е можно поскоро, безбедност што е можно посигурна“, рече Зеленски. „Украина е многу конструктивна“.
Русија јасно стави до знаење дека нема да прифати присуство на војници на НАТО на територијата на Украина, отфрлајќи го предлогот на европските земји да формираат „коалиција на подготвени“ да го надгледуваат секој мировен договор. Сепак, тој не се противи на неутралните земји, како што е Кина.
Од неговото инаугуративно обраќање на 20 јануари, Трамп ја смени американската политика кон руската инвазија на Украина, настојувајќи брзо да стави крај на тригодишната војна, која е најлошиот конфликт во Европа во последните 80 години.
Тој разговараше со Путин по телефон минатиот месец, при што двајцата лидери се договорија да одржат самит, иако датумот се уште не е одреден. Трамп ја повлече американската поддршка за евентуалниот влез на Украина во НАТО, а неговите високи претставници изјавија дека е нереално да се очекува враќање на сите територии што Русија ги окупира од 2014 година.
По судирот со Зеленски во Белата куќа, Трамп ја прекина воената помош за Украина и прекина дел од размената на разузнавачки информации со Киев, што ги шокираше европските сојузници кои тврдат дека САД ја наградуваат руската агресија во февруари 2022 година.
Путин постојано ги отфрлa обидите на Трамп брзо да стави крај на војната. За време на неговата годишна прес-конференција во декември, тој рече: „Не ни треба прекин на огнот – ни треба мир: долгорочен, одржлив и со гаранции за Руската Федерација и нејзините граѓани“.
Русија во четвртокот го отфрли француско-британскиот план за делумен едномесечен прекин на огнот што ќе ги покрие воздушните и поморските операции, вклучително и запирање на нападите врз украинската енергетска инфраструктура.