Руската државна нуклеарна агенција Росатом во средата објави дека не може да ја исклучи идната соработка со САД во окупираната украинска нуклеарна централа Запорожје.
Доколку руското „политичко раководство донесе таква одлука, ние сме подготвени да разговараме за тоа со американската страна“, изјавил за Интерфакс директорот на Росатом, Алексеј Лихачев.
Американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати порача дека САД треба да го преземат управувањето со нуклеарната централа која е најголема во Европа.
Според медиумските извештаи, мировниот план на Трамп предвидува враќање на нуклеарната централа на Киев. Нуклеарната централа потоа би произведувала електрична енергија за Украина и териториите под руска окупација под американско водство.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот изјавил дека Москва не добила никакви американски предлози во врска со Запорожје.
-Доколку ги добиеше, одговорот ќе беше дека Росатом е единствениот одговорен за нуклеарните централи, рекол тој.