Рускиот претседател Владимир Путин беше јавно повикан да се вакцинира и да биде пример за оние граѓани кои засега не брзаат да земат една од трите регистрирани вакцини.
Марија Рјабињина покрена петиција што ја испрати до Министерството за здравство на Русија, верувајќи дека нискиот одговор на вакцинацијата во Русија, помалку од четири проценти, може да се промени, т.е. подобри ако и Путин се вакцинира.
Неспорно е дека претседателот Путин е најдобриот пропагандист на руската вакцина Спутник В.
Тој често ја користи можноста да каже дека руската вакцина не само што е прва регистрирана во светот, туку е и најбезбедна. Постарата ќерка на Путин, Марија беше вакцинирана минатата година, бидејќи медицинските лица имаа предност, па го доби Спутник В.
Организаторите на петицијата сметаат дека Путин мора да се вакцинира и од морални причини. Покрај тоа, вакцината сега може да им се дава на лица постари од 65 години, а тој има 68 години.
Авторите на петицијата истакнуваат дека на малите екрани се вели колку е важен Путин за Русија, што значи дека масовната вакцинација нема да започне се додека не се вакцинира Путин.
Затоа го повикуваат Путин со личен пример да покаже дека вакцината е безопасна бидејќи тоа е негова морална должност.
Досега новинарите повеќепати го прашуваа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков кога претседателот ќе биде вакциниран. Одговорот отсекогаш бил ист дека Путин сам ќе одлучи и тогаш јавноста ќе биде информирана за тоа. Тој нема намера да се вакцинира пред ТВ-камерите.
Масовната вакцинација во Русија започна на 18 јануари. Зошто нема голем процент на вакцинирани во Русија е прашање што често може да се слушне. За споредба, во Велика Британија вакцинирани се 20 проценти од населението, а во Израел скоро 70 проценти.
Вакцинацијата е доброволна и особено помладите луѓе не брзаат да се вакцинираат. Голем број лекари на ТВ изјавија дека вирусот не е поопасен од обичниот грип, а многу од нив велат дека ќе се вакцинираат по претседателот Путин, кој вети дека ќе го стори тоа.
Во Русија не кријат дека имале проблеми во логистиката на вакцините, но тоа е решено. Сега портпаролот на Кремљ, Песков тврди дека има доволно вакцини во сите региони на Русија.
Вицепремиерката Татјана Голикова вели дека се планира да се вакцинираат околу 60 проценти од населението до август со цел да се постигне колективен имунитет. За да се постигне тоа, потребно е не само да се анимираат граѓаните, туку и да се подигне производството.
Русија се очекува да произведува најмалку 20 милиони дози месечно во мај.