Русите тврдат: Пронајдени кратери длабоки до 5 метри на местото на саботажата на Северен тек

од Nikola Popovski

„Nord Stream AG“ откри оштетување на гасоводот на местото на првата линија на оштетување на „Северен тек“ во шведските води, објави операторот на гасоводот.

Според првичните резултати од увидот, на морското дно се пронајдени вештачки кратери, длабоки три до пет метри, на растојание од околу 248 метри еден од друг.

„Делот од цевката меѓу кратерите е целосно уништен, радиусот на дисперзија на фрагментите од цевката е најмалку 250 метри“, се вели во соопштението.

Како што е наведено, „Nord Stream AG“ веќе го заврши првичното собирање податоци на местото на оштетување. Сега експертите продолжуваат да ги анализираат податоците добиени за време на истражувањето, пренесува РИА Новости.

На 26 септември, експлозии се случија истовремено на два руски гасоводи за извоз на гас во Европа – Северен тек и Северен тек 2.

Операторот на Северен тек објави дека вонредната состојба на гасоводите е без преседан и дека е невозможно да се процени времето на поправка. Генералното обвинителство на Русија поведе постапка за акт на меѓународен тероризам по оштетувањето на Северниот тек.

Потсетуваме, Русија ја обвини Британија дека го координира нападот на гасоводите „Северен тек“. Дополнително, тие посочуваат дека поранешната британска премиерка Лиз Трас по експлозијата му испратила порака на американскиот државен секретар Ентони Блинкен со содржина „готово е“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека руското разузнавање „има информации што укажуваат дека британските воени експерти го насочувале и координирале нападот“ што уништи два гасоводи од Русија до Германија во септември.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека Русија ќе ги презентира сите докази на британската амбасадорка во Москва, Дебора Бронер.

„Се разбира, нема сомнеж дека британските разузнавачки служби биле вмешани во терористичкиот напад на базата на Црноморската флота во Севастопол на 29 октомври и чинот на саботажа на гасоводот Северен тек. Нема да помине без реакција. Тоа го констатиравме во Советот за безбедност на ОН. Јавно зборувавме за тоа. И, се разбира, како што веќе реков, наскоро ќе биде поканета и британскиот амбасадор и ќе и дадеме релевантни информации“, рече Захарова на прес-конференцијата, а пренесе агенцијата ТАСС.

Слични содржини