Кремљ во понеделникот соопшти дека украинскиот народ ќе страда ако Западот испрати тенкови во Киев.
На состанокот во Германија минатата недела, САД и нивните сојузници не успеаја да го убедат Берлин да дозволи испраќање тенкови Леопард во Украина, што е клучно барање на Киев, кој сака да даде нов моментум во борбата против руските сили.
Берлин соопшти дека брзо ќе им дозволи на сојузниците да ги испратат своите Леопарди во Украина доколку се постигне консензус, но дури и тоа не е сигурно.
На прашањето за тоа на дневниот брифинг во понеделникот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека поделбите во Европа околу испраќањето тенкови во Киев покажуваат дека „нервозата“ расте во НАТО.
„Но, се разбира дека земјите кои учествуваат, директно или индиректно, во испраќањето оружје во Украина и подигнувањето на нејзиното технолошко ниво се одговорни (за продолжување на конфликтот)“, додаде тој.
„Заклучокот е дека украинскиот народ е тој што ќе ја плати цената за сета таа псевдо-поддршка“, рече тој.
Претходно во понеделникот полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека неговата земја може да испрати тенкови Леопард во Украина како дел од коалицијата на земји и без германска дозвола.
„Германија нема да застане на патот доколку Полска ги испрати своите тенкови Леопард 2 во Украина“, изјави во неделата германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во интервју за францускиот телевизиски канал LCI.