Руската тенисерка Јана Сизикова е уапсена вчера на Ролан Гарос под сомнение за местење натпревари, пренесуваат светските медиуми.
Сизикова (26) била уапсена синоќа по натпреварот од првото коло во двојки, кој го загуби со нејзината партнерка Екатерина Александрова од Ајла Томљановиќ и Сторм Сандерс со 6: 1, 6: 1.
Според Ле Паризиен, таа по апсењето била однесена во Централната служба за трки и игри на истражната полиција.
Обезбедувањето се обидело да го спречи апсењето на Сизикова, што се случило додека таа го напуштала третманот со масажа по натпреварот, пренесува Танјуг.
Истрагата против неа била покрената во октомври минатата година поради тврдењето дека е наместен натпреварот од првото коло во двојки за жени на Ролан Гарос, кој Сизикова и Медисон Бругл го загубиле од романската двојка Андреа Мита и Патриша Марија Тиг.
Истрагата била иницирана од низа необични обложувања во вториот сет, а особено во петтиот гем, кој Сизикова го загубила на свој сервис.
Наводно, биле вложени стотици илјади евра во фактот дека Русинката ќе направи двојна грешка во два наврати, што и навистина се случило.